
Посетата на Али Ахмети во Косово: Средба со опозицијата или координација со Артан Груби?
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, се наоѓа во посета на Косово, каде што официјално одржува средби со лидерите на опозициските партии во пресрет на изборите кои треба да се одржат во февруари. Меѓутоа, оваа посета предизвика сомнежи и разни дилеми околу вистинските причини за неговото патување, земајќи ги предвид последните случувања поврзани со еден од неговите најблиски соработници, Артан Груби.
Груби, кој неодамна се пресели во Косово, се соочува со сериозни истраги од Обвинителството на Северна Македонија за наводна вмешаност во корупција и други криминални дела, а воедно се наоѓа и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави. Токму во моментот кога Груби ја напушти земјата, посетата на Ахмети во Косово предизвика шпекулации дека можеби е поврзана со средба и координација со поранешниот вицепремиер, отколку со темите поврзани со изборите во Косово.
Претходните изјави на Груби, кој јавно изјави дека „во политиката не правам ништо без знаење на претседателот Али Ахмети“, уште повеќе ја продлабочуваат оваа дилема. Дали посетата на Ахмети е обид за разговор и координација со Груби во врска со истрагите и обвиненијата што го оптоваруваат? Или, пак, станува збор за обична посета во рамките на изборите во Косово?
Нејаснотиите остануваат отворени, а одговорите на овие сомнежи може да се разјаснат во наредните денови. Она што е јасно е дека времето и околностите на посетата воопшто не се случајни.