
Коњановски: Проектот „Заедници со интегритет“ ќе ја зголеми транспарентноста и отпорноста кон корупцијата во Битола
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ја поздрави имплементацијата на проектот „Заедници со интегритет“, кој ќе се реализира во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) и Владата на Швајцарија. Проектот има за цел да ја зголеми отпорноста на општините кон корупцијата и да развие механизми за поголема транспарентност во локалната администрација.

„Овој проект е значајна поддршка за нашите напори за дигитализација на општинските услуги и создавање на поголема достапност и транспарентност за граѓаните“, истакна Коњановски. Тој додаде дека проектот ќе обезбеди и зајакнување на капацитетите на граѓанскиот сектор, медиумите и приватниот сектор за активно следење на процесите на донесување одлуки и испорака на услуги на локално ниво.

Градоначалникот ја истакна важноста на партнерството помеѓу општината, Советот и граѓанскиот сектор, нагласувајќи дека соработката ќе доведе до поголеми резултати кои ќе бидат во интерес на граѓаните на Битола. Општина Битола е една од шесте општини во Македонија која ќе учествува во овој проект, што ја потврдува посветеноста на локалната власт за унапредување на демократијата и транспарентноста.
Проектот „Заедници со интегритет“ е значаен чекор напред за создавање на одржливи и отпорни локални заедници.