
Коњановски најави професионално лизгалиште во Битола како дел од Зимска приказна
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Битола“ одржа средба со новинарите на која ја најави новата атракција за градот – професионално лизгалиште на плоштадот Магнолија. Лизгалиштето ќе биде дел од оваа годинашната Зимска приказна и ќе биде отворено за сите граѓани и туристи од 20 декември до 6 јануари.
„Срцето на Битола ќе биде претворено во зимска магија, радост и заедништво за сите генерации. Лизгалиштето ќе понуди можност за забава и рекреација, а подготовките за неговото поставување започнуваат веќе овој викенд,“ изјави Коњановски.
Тој ги замоли граѓаните за разбирање додека траат подготовките за привремената адаптација на плоштадот, истакнувајќи дека овој проект е важен дел од создавањето на празничната атмосфера која ја претвора Битола во туристичка дестинација.
„Особено им благодариме на битолските компании кои ја поддржаа реализацијата на овој проект. Зимска приказна станува се поголема и популарна, и од година во година ја надминува локалната димензија, промовирајќи ја Битола како празнична дестинација,“ додаде градоначалникот.
Со овој проект, Битола ќе стане уште попривлечна за туристите, а лизгалиштето ќе биде едно од најголемите привлечности во рамки на Зимската приказна.