
Коњановски: Битола и Епинал пример за одржлива соработка
Делегација на Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, заедно со секретарот Борче Димитровски и почесниот конзул на Р. Франција Калиопа Кривашија Стилиновиќ, учествуваше во прославата на патронот на збратимениот град Епинал, Св. Никола. Оваа посета беше одлична прилика за размена на искуства и добри практики со делегациите на збратимените градови од Германија, Белгија и САД.

За време на посетата, делегацијата на Општина Битола имаше можност да се запознае со функцијата на општинските институции, старт-ап инкубаторите и други структури каде се реализираат проекти иницирани од локалната власт во Епинал. Акцентот беше ставен на два клучни сегменти за Општина Битола: цивилната заштита и урбаната мобилност, каде Епинал има исклучителни резултати на европско ниво.

Градоначалникот Коњановски истакна дека размената на искуства со Епинал претставува важна можност за развој на одржлива соработка и примена на најдобрите практики во Битола. „Нашето пријателство со Епинал трае веќе 56 години и тоа е најдолгото збратимување помеѓу македонски и француски град. Размената на искуства и добрите практики ќе помогне во подобрувањето на локалните услуги и инфраструктура,“ изјави Коњановски.

Покрај тоа, делегациите се согласија за важноста на обновувањето на културната размена и размената на ученици, која беше традиција и ќе се обнови веќе од идната година. Ова партнерство ќе продолжи да биде пример за успешна и одржлива соработка на локално ниво.