Ѓорѓиевски: Нулта толеранција за корупција е клучот за напредок

Македонија

Скопје, 9 декември – Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, учествуваше на панел-дискусија организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Собранието на Република Македонија, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Ѓорѓиевски истакна дека корупцијата останува сериозен проблем во земјата, со директно влијание врз развојот на општеството и довербата во институциите.

„Корупцијата е рана на секое општество. Само со заедничка акција на институциите и поддршка од јавноста можеме ефикасно да ја водиме оваа борба. Нулта толеранција за корупција е клучот за нашиот напредок и за приклучувањето на Македонија кон Европската унија,“ напиша Ѓорѓиевски.

На панел-дискусијата се разговараше за главните активности и предизвици во градењето систем отпорен на корупција, при што Ѓорѓиевски нагласи дека транспарентното и конструктивно работење е основа за успех во оваа битка.

„Само обединети, со јасна цел и решителност, можеме да постигнеме видливи резултати во борбата против корупцијата,“ додаде тој.

Оваа активност е дел од пошироките заложби на институциите за зајакнување на антикорупциските механизми и промовирање на интегритетот како темелна вредност во управувањето.