Ѓорѓиевски: Кисела Вода е лидер во инклузијата на лицата со попреченост

Македонија

Кисела Вода, 3 декември – По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, општина Кисела Вода испрати силна порака за посветеност на создавање општество на еднакви можности. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со гордост ја истакна лидерската позиција на општината во промовирањето и заштитата на правата на лицата со попреченост, најавувајќи два значајни нови проекти – првата инклузивна училница на отворено и сензорна соба во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево.

„Нашата посветеност на инклузијата не се ограничува само на еден ден. Секој проект и активност што ги реализираме се доказ за нашата заложба кон создавање инклузивна заедница,“ изјави Ѓорѓиевски.

Сензорната соба овозможува мултисензорно искуство за децата, поттикнувајќи го нивниот когнитивен, емоционален и физички развој. Ѓорѓиевски истакна дека ова е уште една во низата вакви простории кои општината ги отвора во основните училишта.

Од друга страна, инклузивната училница на отворено, прва од ваков вид во општината, е во завршна фаза. Оваа училница е дизајнирана да ги задоволи потребите на сите ученици, особено на децата со посебни образовни потреби, и ќе биде опремена со дидактички материјали кои поттикнуваат креативност и когнитивни способности.

Дополнително, општината потпиша меморандум за соработка со Институтот за специјална едукација и рехабилитација. Со оваа иницијатива ќе се обезбеди стручна пракса за студентите и поддршка за родителите на децата со атипичен развој, со активности во попладневните часови.

Општина Кисела Вода е пионер и во други инклузивни проекти – од отворање на дневни центри за деца со церебрална парализа до обезбедување тактилни патеки, Брајово писмо и рампи за пристапност.

„Кисела Вода е првата општина со целосно инклузивно основно училиште и јавна детска градинка. Со сите овие проекти, ја потврдуваме нашата верба во правото на секое лице за достоинствен живот,“ додаде Ѓорѓиевски.

Градоначалникот увери дека општината останува посветена на создавање средина каде секое дете и жител ќе се чувствуваат прифатени, ценети и рамноправни.