
Коњановски во посета на Чајетина: Споделување искуства за големи инфраструктурни проекти
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со членови на Советот на Општината, денес беше во официјална посета на Општина Чајетина, каде што се одржа средба со градоначалникот на Чајетина, Милан Стаматовиќ, и директорката на ЈП „Голд Гондола“, Бојана Божаниќ.

Централна тема на средбата беше споделувањето на искуства поврзани со изградбата на гондолата на Златибор, еден од најзначајните туристички проекти во регионот. Претставниците на Општина Битола беа информирани за сите фази на реализација на овој проект, кој во голема мера го поттикна туристичкиот развој на Чајетина и регионот на Златибор.
„Искуствата од Општина Чајетина, особено поврзани со гондолата на Златибор, се драгоцени за нас. Оваа посета е можност за учење и планирање на слични проекти кои ќе го подигнат нивото на инфраструктура и туризам во Битола,“ истакна Коњановски.

Оваа посета е дел од напорите на Општина Битола за воспоставување соработка со други општини во регионот, со цел реализација на амбициозни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на живот и ќе ја зголемат туристичката атрактивност на градот.