Сиљановска Давкова: Соработката со Црна Гора е темел за заеднички напредок

Македонија

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљаноска Давкова, изрази искрена благодарност до претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за топлото гостопримство и отворениот дијалог за време на нејзината официјална посета.

„Со Црна Гора нè обединуваат заеднички визии и стремежи: интеграцијата во Европската Унија, зајакнувањето на регионалната стабилност и создавањето услови за економски и општествен напредок. Верувам дека оваа посета ќе остави длабоки траги во продлабочувањето на нашата соработка,“ истакна претседателката.

Таа нагласи дека пријателските односи меѓу двете држави ќе продолжат да се развиваат, отворајќи нови перспективи на билатерален и меѓународен план. Посетата беше оценета како значаен чекор кон зацврстување на партнерството помеѓу Македонија и Црна Гора, со фокус на заедничкиот напредок во рамките на европските интеграции и регионалната стабилност.