
А.Д. ЕСМ, во соработка со Министерство за енергетика, започнува нов инвестициски циклус, објавен тендер за изградба на две нови фотоволтаични централи
АД ЕСМ, во соработка со Министерството за енергетика, информираат за проект кој што го спроведуваат заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Согласно објавениот тендер се предвидува изградба на две нови фотоволтаични централи – ФЕЦ Осломеј 2 со капацитет од 10 MW и ФЕЦ Битола со 20 MW. Проектите се дел од напорите на државата за забрзана енергетска транзиција кон обновливи извори, а рокот за поднесување на понуди е 17 јануари 2025 година. Понудата треба да опфаќа проектирање, набавка и изградба, пуштање во употреба и предавање со вклучено поврзување на мрежа.
Двете централи ќе произведуваат околу 48 GWh електрична енергија годишно, доволна за над 5.000 домаќинства и ќе ја намалат емисијата на јаглероден диоксид за 40.000 тони годишно. Во согласност со владината програма, проектите ќе ја намалат зависноста од увезена енергија и ќе ја поддржат енергетскиот независност на државата.
Според неофицијални информации ова е само почеток на поширок инвестициски циклус насочен кон искористување на соларниот и хидролошкиот потенцијал на земјата, но се разгледуваат и нови проекти за енергетска ефикасност и подобрување на мрежната инфраструктура, што е во насока на целите за целосна декарбонизација до 2050 година.
На неодамнешниот климатски самит COP29 во Баку, висока делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова и министрите за енергетика и животна средина ја потврди посветеноста на Македонија кон глобалните цели за енергетска транзиција и климатска акција.
Инвестицијата во ФЕЦ Осломеј 2 и ФЕЦ Битола претставува значаен чекор кон реализација на овие цели и отвора пат за нови, зелени работни места и економски придобивки за локалните заедници.