Ѓорѓиевски: МАНУ е столб на нашата државност и чувар на македонскиот идентитет

Македонија

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на одбележувањето на Денот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

На покана на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, Ѓорѓиевски изрази чест и задоволство што имал можност да биде дел од овој значаен настан и да поразговара со научната елита од Македонија и пошироко.

„МАНУ е институција со научен и уметнички интегритет, која била и ќе остане чувар на македонскиот национален идентитет, јазик и култура. Таа претставува столб на нашата државност и мост за градење односи меѓу различните национални и етнички групи во Македонија,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој упати честитки до добитникот на меѓународното признание „Блаже Конески“ за оваа година, професорот Мотоки Номачи од Јапонија, кој е член на словенско-евроазискиот истражувачки центар при Универзитетот Хокаидо Сапоро.

Денот на МАНУ беше одбележан со свечена програма, во која учествуваа академици, научници и јавни личности, потврдувајќи ја улогата на Академијата како водечка институција во зачувувањето на македонското културно и научно наследство.