Ќе се гради подземна гаража кај плоштадот „Скендербег“ – Владата ќе издвои 20 милиони евра

Македонија

Гаражата, според првиот вицепремиер Меџити, ќе биде од особено значење за Старата скопска чаршија бидејќи ќе го реши долгогодишниот проблем со недостигот на паркинг-места во овој дел од градот, а ќе придонесе и за значително зголемување на туристичкиот потенцијал на Старата скопска чаршија

Владата на денешната седница донела одлука да издвои 20 милиони евра за изградба на подземна катна гаража кај плоштадот „Скендербег“, информира попладнево на прес-конференција првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој додаде дека со ова ќе се решат инфраструктурните проблеми со кои се соочуваа овој дел од главниот град.

Според првиот вицепремиер, станува збор за повеќегодишен проект кој предвидува изградба на на 371 ново паркинг-место, распоредени на две подземни нивоа, со вкупна површина од 13 илјади квадратни метри, со адекватен број паркинг места за лица со посебни потреби.
Изградбата на подземната гаража, како што посочи тој, ќе биде од особено значење за Старата скопска чаршија бидејќи ќе го реши долгогодишниот проблем со недостигот на паркинг-места во овој дел од градот и ќе го олесни сообраќајот и пристапот за локалните жители и посетителите.

Проектот, според првиот вицепремиер, ќе придонесе и за значително зголемување на туристичкиот потенцијал на Старата скопска чаршија.
Во наредниот период, Меџити рече дека ќе работат на реализација на проектот во најкраток можен рок и со највисок квалитет и дека ќе обезбедат транспарентност и отчетност во сите фази од изградбата.

Одговарајќи на новинарско прашање, првиот вицепремиер рече дека проектот е готов и дека тендерската постапка ќе се отвори наскоро, а на почетокот на годината очекува да почнат градежните работи.