Тошковски: Од наредната недела и македонските граѓани ќе можат да ги плаќаат казните од „Безбеден град“ преку апликација
Од наредната недела и македонските граѓани ќе добијат можност преку апликација да ги плаќаат сообраќајните казни евидентирани преку системот „Безбеден град“, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Како што посочи Тошковски, ваквиот начин на плаќање досега беше овозможен само за странските државјани, а од следната седмица истата дигитална услуга им станува достапна и на домашните возачи.
Со воведувањето на оваа функционалност за македонските граѓани, посочи Тошковски значително се олеснува и забрзува процедурата за подмирување на глобите констатирани преку камерите на „Безбеден град“. На овој начин, граѓаните ќе можат брзо и едноставно да ги регулираат своите обврски без непотребно губење време, дополнителни административни постапки и чекање на шалтери.
