Македонски концепт од 1 декември ќе им помага на граѓаните со барања, ургенции и следење предмети

Македонија

Македонски концепт најави отворање „Канцеларија за поддршка на гласачите“, преку која граѓаните ќе можат да добијат бесплатна помош при обраќање до институциите, подготовка на барања и следење на постапувањето по нивните предмети.

Од партијата соопштија дека канцеларијата ќе започне со работа и прием на граѓани на 1 декември 2026 година, а за поддршката ќе бидат ангажирани професионални лица.

Според соопштението, одлуката за отворање на канцеларијата ја донело Претседателството на Македонски концепт. Од партијата наведуваат дека иницијативата е одговор на, како што оценуваат, институционалната нефункционалност и игнорирањето на потребите и проблемите на граѓаните.

 

Предвидено е канцеларијата да помага при комунални и локални проблеми, подготовка на барања и ургенции, користење електронски услуги, како и за предмети за кои граѓаните подолго време чекаат одговор.

Поддршката, според најавата, ќе биде насочена и кон младите на кои им е потребно упатување до надлежна институција, повозрасните граѓани кои се соочуваат со административни и дигитални пречки, како и лицата со попреченост при остварувањето на нивните права.

„Ќе го евидентираме вашиот проблем, ќе утврдиме кој е надлежен и ќе ве информираме за секој следен чекор“, наведуваат од Македонски концепт.

Оттаму посочуваат дека канцеларијата ќе соработува со надлежните институции и служби, кои ќе продолжат да постапуваат и да одлучуваат во рамки на своите овластувања. Нејзината улога ќе биде да ја олесни комуникацијата, да обезбеди административна поддршка и да го следи предметот до документиран исход.

Од партијата нагласуваат дека помошта ќе биде достапна за сите граѓани, без условување со партиско членство или политичка определба, при доверливо и одговорно постапување со личните податоци.

Македонски концепт ги повикува институциите, општините, граѓанските организации и стручните лица да ја поддржат разработката на иницијативата, а граѓаните да предложат кои услуги и проблеми би требало да бидат опфатени.

Термин и локација за средба може да се договорат на телефонскиот број 070 404 767.