Меџити: Голем дел стручни и државни испити сега ќе се полагаат и на албански јазик
Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити денес на прес-конференција зборувал за унапредувањето на албанскиот јазик и можноста за предвремени парламентарни избори. Тој информирал дека од денес па натаму, голем дел од државните испити ќе се полагаат и на албански јазик.
Тој истакнал дека немало регресија на албанскиот јазик и немало прекршувања на Законот за употреба на албанскиот јазик.
„Напротив, за помалку од две години на власт, ВЛЕН не само што ги зачува постојните решенија, туку ги унапреди и недостасувачките решенија во постигнувањето јазична рамноправност“, вели Меџити.
Како што најавил лидерот на ВЛЕН, станува збор за:
-Испитот за овластени државни ревизори, кој денес се полага на албански јазик во рамките на Државниот завод за ревизија;
-Испитот за осигурителни агенти, кои добиваат лиценца МАПАС;
-Стручниот испит за експерти за оцена на влијанието на проектите врз животната средина;
-Стручниот испит за експерти за стратегиска оцена на животната средина;
-Испитот за директори на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст;
-Испитот за воспитувачи во предучилишните установи;
-Испитот за негуватели во предучилишните установи;
-Испитот за стручни соработници во предучилишните установи;
-Стручниот испит за лекари;
-Стручниот испит за стоматолози;
-Стручниот испит за медицински сестри.
-За првпат во рамките на Министерството за култура е формирана посебна единица за превод и лектура.
Меџити исто така порачал дека повеќе од 20 години, испитите во земјата се полагаат на македонски јазик, без оглед на јазикот на образованието. Додал дека ВЛЕН го прави она што ДУИ само го ветува веќе 20 години.
Тој воедно ги повикал граѓаните достоинствено да го прослават 28 ноември – Денот на албанското знаме и да не наседнуваат на провокациите на опозицијата.
На прашањето за предвремените парламентарни избори, Меџити вели дека на Македонија ѝ се потребни решенија, а не избори.
„Имам говорена на оваа тема и претходно. Ние сме доследни со премиерот на оваа тема. Се согласивме дека сме заинтересирани за решенија, а не за избори. Значи, на Северна Македонија не ѝ се потребни избори, туку решенија“, додал лидерот на ВЛЕН.
