Трамп се откажа да ѝ нуди на Русија деловна соработка во замена за мир: „Стана јасно дека не се заинтересирани“

Политика, Свет

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тивко се откажа од идејата преку деловни договори да ја поттикне Русија да ја заврши војната во Украина, откако Москва покажа мал интерес за предложените проекти во енергетскиот и воздухопловниот сектор, објави денеска Фајненшл тајмс.

Пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, им соопштиле на европските претставници дека деловната соработка повеќе не е клучен дел од американската понуда до Русија, пишува весникот, повикувајќи се на петмина функционери запознаени со промената на американскиот пристап.

Високи руски и американски функционери, меѓу кои и Кушнер, разговарале за можноста американски инвеститори да бидат вклучени во проектите за гасоводите „Северен тек“, преку кои пред руската инвазија на Украина се доставуваше гас до Германија, објави Ројтерс во октомври.

Кушнер, кој се обидува да посредува во постигнувањето примирје меѓу Русија и Украина, ја смета деловната соработка за клучна за повторното воспоставување на мирот. Тој предложил и неколку проекти за периодот по завршувањето на војната, меѓу кои и инвестиции на американски компании во руски нафтени проекти и во производството на титаниум, наведува Фајненшл тајмс.

Руските функционери првично позитивно реагирале на американските предлози, но Москва во меѓувреме го изгубила интересот за таа идеја. Русија и натаму инсистира Украина, во замена за мир, да се откаже од дел од својата територија и да прифати други отстапки што Киев ги смета за неприфатливи.

„Стана сосема јасно дека Русите не се заинтересирани за такви работи“, изјавил еден од функционерите за Фајненшл тајмс.

Администрацијата на Трамп во октомври привремено ги ублажи американските санкции за руските горива, воведени со цел да ѝ се одземат на Москва приходите за финансирање на војната против Украина. До ублажувањето на санкциите дојде откако Русија се согласи да го снабдува светскиот пазар со дизел за да се намалат цените на горивата.