Двајца средношколци од Скопје со идеја контејнерите да добијат нов изглед со цвеќе и зеленило

Дали Знаете, СКОПЈЕ

Двајца средношколци од Скопје осмислија решение за поуреден изглед на градските улици, со кое контејнерите за отпад би добиле декоративни облоги и зеленило.

Петар Јованоски и Нестор Јанчевски, ученици во СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, го развија проектот „Еко Бокс“, кој предвидува изработка на декоративни конструкции од рециклирани материјали во кои би се сместувале уличните канти и контејнери.

Кутиите би биле во различни бои, а на нивниот горен дел би се поставувале жардиниери со цвеќиња и украсни растенија. Со ова, местата за собирање отпад би добиле поуреден изглед, а зеленилото би станало дел од градскиот простор. Конструкциите се замислени да бидат издржливи, лесни за одржување и практични за комуналните служби при празнењето на контејнерите.

Со „Еко Бокс“, двајцата ученици учествуваат во натпреварот „Средношколец Милионер“, каде што поддршката од јавноста е важна за реализација на нивната идеја.

Проектот нуди поинаков пристап кон еден од секојдневните проблеми во Скопје – неуредните простори околу контејнерите, претворајќи ги во функционални и позелени градски точки.