Ќе има врнежи од снег во Македонија – познато и кога

Времето денес, Дали Знаете, Македонија

Постудени утра со температури под нулата, пообилни врнежи од дожд, а за време на викендот и можност за врнежи од снег, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за наредните денови.

Во вторник и среда се очекува значително пониски утрински температури, кои во повеќе делови од земјава ќе се спуштат под нулата. Минималните температури во вторник ќе достигнат до минус пет, додека во среда се очекува уште постудено утро, со температури до минус осум степени Целзиусови.

Поради ниските утрински температури, можна е појава на мраз и голомразица, особено во повисоките и планинските предели, поради што на возачите им се препорачува зголемена внимателност.

Од среда кон крајот на денот се очекува промена на временските услови. Ќе настапи период на претежно облачно време, проследено со повремени врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во наредните денови.

Најобилни врнежи се прогнозираат за четврток, особено во западните делови на Македонија, каде што се очекува локално да наврнат повеќе од 30 литри дожд на квадратен метар.

Облачното време со повремени врнежи ќе се задржи и во деновите што следуваат, а за време на викендот се очекува дополнително заладување, кое ќе донесе промена и во карактерот на врнежите.

Според најавите на УХМР, поради намалувањето на температурите, во текот на викендот врнежите ќе бидат од дожд и снег.

Засега нема попрецизни информации за тоа во кои населени места се очекуваат снежни врнежи и дали ќе дојде до формирање снежна покривка.

Последните денови од ноември, според најавената прогноза, ќе бидат во знакот на студени утра, облачно време, пообилни врнежи и дополнително заладување.