Божиновска: Ќе ја зајакнеме соработката со ФЕИТ за младите инженери да стекнат практично искуство

Македонија

Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) го посетија Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде што со министерката Сања Божиновска разговараа за енергетската сигурност, обновливите извори и енергетската ефикасност.

На средбата се разговараше и за тоа како идните инженери можат да го применат знаењето од факултет во практиката. Дел од младите вработени во Министерството, кои претходно учествувале на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР), им ги пренесоа своите искуства од првите практикантски денови до професионалниот ангажман во институцијата.

„Сакам младите да знаат дека и тука, дома, имаат простор да учат, да напредуваат и да бидат дел од важни проекти“, порача Божиновска.

Министерката најави дека ќе продолжи да ја зајакнува соработката со ФЕИТ. Според неа, поврзувањето на факултетите со институциите е важно за младите инженери да стекнат практично искуство и да придонесат за развојот на домашната енергетика.