Конечно добра вест: Поголемо намалување на дел од горивата од полноќ

Дали Знаете, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Нов пад на цените на горивата од полноќ. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која дизелот поевтинува за 3,5 денари, а бензините за два денари по литар.

Со новите цени, еден литар Еуродизел ќе чини 88,5 денари, додека Еуросупер 95 ќе се продава за 82 денари, а Еуросупер 98 за 84 денари. Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за 2,5 денари и ќе изнесува 98 денари за литар.

Според Регулаторната комисија за енергетика, просечното намалување на малопродажните цени на нафтените деривати изнесува 2,28 проценти.

Промената се должи на падот на цените на нафтата и нафтените деривати на светските берзи. Во пресметката се земени предвид и владините мерки за намален ДДВ за дизелот, како и пониските акцизи за бензините и дизелот.

Каква е ситуацијата во Европа и светот?

Иако цената на суровата нафта бележи значителен пад на светските берзи, дизелот и натаму останува скап поради ограниченото снабдување и проблемите во преработувачките капацитети. Ова создава дополнителна неизвесност за транспортниот сектор, земјоделството и индустријата, а последиците би можеле да се почувствуваат и преку цените на производите.

Според анализата на „Ројтерс“, цената на нафтата „брент“ од почетокот на ноември паднала за повеќе од 20 проценти, спуштајќи се на нешто над 90 долари за барел. Во понеделникот наутро се тргувала за околу 92,7 долари, додека американската нафта достигнала приближно 83,6 долари за барел.

Падот се поврзува со обновувањето на извозот од Блискиот Исток и намалените стравувања од проширување на конфликтот. Меѓународната агенција за енергија проценува дека во последниот квартал од годинава светското производство би можело да ја надмине побарувачката за околу 1,7 милиони барели дневно.

Зошто дизелот останува скап и покрај падот на нафтата?

За разлика од суровата нафта, цената на дизелот на европскиот пазар се движи околу 160 долари за барел. Иако е за околу 25 проценти пониска од септемврискиот максимум, таа и натаму е речиси двојно повисока во споредба со почетокот на годината.

Ризик и од нарушување на транспортот низ Ормускиот Теснец

Дополнителна неизвесност создаваат и нападите врз танкери во близина на Ормускиот Теснец, една од клучните светски рути за транспорт на нафта.

Според податоците на аналитичката компанија „Кплер“, протокот на нафта низ овој премин се намалил од просечни 12,2 милиони барели дневно во октомври на околу 9,5 милиони барели во првите 19 дена од ноември.

Секое дополнително нарушување на транспортот низ овој регион може да изврши притисок врз снабдувањето и цените на нафтените деривати.