ЕВРОПА ПОД ПРИТИСОК ОД ВАШИНГТОН: ТРАМП БАРА КРАЈ НА ФИНАНСИСКАТА ПОМОШ ЗА УКРАИНА

Политика, Свет

Американскиот претседател Доналд Трамп им порачал на европските лидери дека повеќе не треба да ја финансираат Украина, за време на телефонски разговор со учесниците на состанокот на Коалицијата на волјата, објави британскиот „Телеграф“.

Според два извора запознаени со разговорот, Трамп ги критикувал плановите на Европската Унија и другите меѓународни сојузници на Украина за обезбедување финансиска помош со која би се покрил буџетскиот дефицит на земјата од 70 милијарди евра до 2027 година.

Тој посочил дека европските земји би можеле да заштедат значителни средства доколку војната заврши.

Телефонскиот разговор се случил додека Трамп се враќал од Кина, каде што учествуваше на трилатерален самит со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг.

Трамп претходно остварил и билатерална средба со Путин во Кина, по која изјавил дека разговорите поминале „подобро од очекуваното“.

Во меѓувреме, западните претставници изразија загриженост дека без учество на Европа и Украина, на самитот во Кина би можеле да се донесат одлуки што значително ќе ја променат безбедносната слика на континентот.

Германија во четвртокот беше домаќин на состанок на околу 30 сојузници на Украина во Берлин, на кој се разговараше за европската улога во мировните преговори и обезбедувањето финансиска и воена поддршка за Украина.