Секој четврти во Македонија размислува да се исели, најчесто во ЕУ или Швајцарија
Повеќе од една четвртина од граѓаните во Македонија размислуваат да се преселат во странство, а речиси 12 проценти веќе планираат или преземаат конкретни чекори за заминување. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето „Секјуриметар 2026“.
Според податоците, 26,1 процент од испитаниците изразиле намера да се иселат, додека 68,1 процент не сакаат да ја напуштат земјата.
Меѓу оние што размислуваат за преселба, 52,4 проценти како посакувана дестинација наведуваат земја од Европската Унија. Швајцарија ја избрале 18,8 проценти, додека САД, Канада и Австралија заедно ги посочиле 16,5 проценти.
Младите се најсклони кон заминување. На регионално ниво, дури 58,1 процент од лицата на возраст од 18 до 24 години размислуваат за преселба во странство. Овој податок се однесува на шесте економии на Западен Балкан, а не само на Македонија.
Иселувањето и намалувањето на населението ги загрижуваат 80,1 процент од испитаниците во земјава.
Истражувањето било спроведено од 1 до 17 септември, на примерок од 6.003 полнолетни лица во регионот, од кои 1.000 во Македонија.
