Македонија меѓу земјите со важни наоѓалишта на критични минерали, ЕУ ја препознава стратешката вредност на бакарот

Македонија

Нова анализа на Институтот за безбедносни студии на ЕУ го издвојува Западниот Балкан како важен регион за идното снабдување со минерални суровини

Македонија располага со значајни наоѓалишта на критични минерали кои можат да имаат важна улога во идните европски синџири на снабдување. Ова е наведено во публикацијата на Институтот за безбедносни студии на Европската Унија, посветена на рударството, критичните суровини и ризиците кај земјите партнери во процесот на проширување.

Во документот се посочува дека земјите од Западен Балкан имаат значајни минерални ресурси кои можат да ја зајакнат европската економска безбедност и стратешката автономија. Македонија и Босна и Херцеговина се издвојуваат по наоѓалиштата на боксит, алуминиум, кобалт, бакар, манган, никел и антимон.

Овие ресурси добиваат дополнителна важност во услови кога Европската Унија настојува да ги диверзифицира изворите на снабдување и да ги интегрира земјите кандидатки во својот индустриски екосистем.

Според анализата, поблиската соработка со земјите од процесот на проширување може да помогне во создавањето поотпорни синџири на снабдување. Но, за да се постигне тоа, потребно е да се оди подалеку од самото ископување на суровините.

Институтот нагласува дека треба да се поддржи развојот на локални синџири на вредност, вклучително и преработка, производство на напредни компоненти и рециклирање. Таквиот пристап ќе им овозможи на земјите со минерални ресурси да задржат поголем дел од економската вредност што се создава од нивното искористување.

Пораката од анализата е дека минералните богатства на Македонија претставуваат значаен потенцијал не само за европската безбедност во снабдувањето, туку и за поголема економска интеграција и индустриски развој на земјата.

Според публикацијата на Институтот поддржан од ЕУ, Унијата мора да покаже дека нејзиниот интерес за партнерите за проширување се протега подалеку од екстракцијата на нивните суровини – со воспоставување на робусни еколошки, социјални и стандарди за управување, зајакнување на владеењето на правото и реформите за управување и инвестирање во одржлив индустриски развој, таа може да ги унапреди и своите цели за економска безбедност и проширување.

Од друга страна, во студија насловена „Рударството во Западен Балкан“, објавена од организацијата ЕФБ (Европски фонд за Балканот), се потенцира дека геолошката структура на Македонија, обликувана од древни карпести системи и некогашни вулкански процеси, ја снабдува земјата со широка разновидност на минерални богатства – од метални руди до индустриски и неметални суровини.

За разлика од останатите земји од регионот, во извештајот пишува дека „во Косово и Северна Македонија, странските директни инвестиции во рударскиот сектор остануваат многу ограничени, на ниво под 2% од вкупниот прилив на странски директни инвестиции“. Инаку, во Македонија нов рудник не е отворен повеќе од четириесет години. Единствена актуелна инвестиција во ископ на критична суровина е проектот за бакар во Иловица. Зад оваа инвестиција стои мултинационалната компанија Трафигура и беше најавена како најголема гринфилд инвестиција во земјава, со почетна вредност од 350 милиони евра само во првата фаза, односно изградбата на комплексот.

Во студијата се додава дека иако рударската индустрија во Македонија традиционално е со слаб интензитет, зголемените истражувачки активности, особено оние насочени кон наоѓалишта на бакар и полиметални руди, ја зголемуваат веројатноста за нови откритија и за зголемени инвестиции од страна на рударските компании.

„Геолошката разновидност на земјата ѝ обезбедила широк спектар на минерални суровини, вклучувајќи основни метали, благородни метали, индустриски минерали и енергетски ресурси. Клучните критични суровини од листата на ЕУ, кои се присутни и во геолошкиот состав на Северна Македонија, ги вклучуваат бакарот, антимонот, арсенот, никелот, манганот и фелдспатот“, нагласуваат од ЕФБ.

Како што се додава, Македонија спроведува реформи на своите рударски и геолошки прописи, а овие реформи имаат за цел да ја зголемат транспарентноста, да ги зајакнат еколошките заштитни мерки и да го подобрат стратешкото планирање, осигурувајќи дека рударството поддржува одржлив економски раст, а воедно ги намалува еколошките и социјалните влијанија.

„Земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство – особено Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора – се издвоија како стратешки важни локации за експлоатација на литиум, бакар и други минерални суровини. За ЕУ, рударството во овој регион претставува можност за зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување и за унапредување на стратешката автономија. За владите од Западен Балкан, пак, тоа ветува странски инвестиции, фискални приходи и поблиска економска интеграција со ЕУ“, се истакнува во извештајот.

Според ЕФБ, како што Европската унија ги забрзува своите зелени и дигитални транзиции, така и побарувачката за критични суровини нагло се зголемува.