Коњановски: Силниот ветер остави последици во Битола, службите го расчистуваат теренот
Три лица се повредени, неколку автомобили се оштетени, а околу 20 паднати дрвја се пријавени по силниот ветер што од синоќа ја зафати Битола. Градоначалникот Тони Коњановски, кој попладнево бил на терен со директорот на ЈП „Комуналец“, апелираше до граѓаните на зголемена внимателност.
Според информациите што ги соопшти Коњановски, ветерот на моменти достигнувал удари над 50 километри на час. До 14:30 часот, кај надлежните служби биле пријавени околу 20 паднати дрвја на јавни површини и во дворови на станбени згради. Дел од дрвјата оштетиле паркирани автомобили.
Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенирале во текот на денот, а по прекинувањето на силните налети започнале со целосно расчистување и отстранување на паднатите дрвја и гранки.
Коњановски наведе дека, според информациите од Итната медицинска помош и Клиничката болница во Битола, на тројцата повредени им била укажана помош на одделенијата за ортопедија и максилофацијална хирургија, по што биле пуштени на домашно лекување. Тој им посака брзо закрепнување.
Повикувајќи се на информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, градоначалникот посочи дека ветер се очекува до вечерните часови.
„Апелирам на голема внимателност од граѓаните, до стабилизирање на временските услови и комплетно расчистување на теренот од страна на јавните претпријатија“, порача Коњановски.
