Општина Битола со признание „Младински пријателски град“ за 2026 година
Општина Битола е добитник на националното признание „Младински пријателски град“ за Пелагонискиот регион за 2026 година, со што е потврдена нејзината посветеност на унапредувањето на младинските политики и создавањето подобри услови за активно учество на младите во локалната заедница.
Признанието беше доделено во рамките на Четвртиот национален форум за младинска работа, кој се одржа во Младинскиот центар во Охрид, под мотото „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност“, во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Наградата во име на Општина Битола ја прими заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, а ѝ ја врачи претставник на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Ова признание ја истакнува водечката улога на Битола во Пелагонискиот регион во поддршката на младинското учество, развојот на младинските политики и поттикнувањето на активната вклученост на младите во општествените процеси.
Наградата „Младински пријателски град“ годинава беше воведена како новина на Националниот форум. Добитниците беа избрани врз основа на структурирано национално истражување, преку кое се оценуваше напредокот на општините во исполнувањето на обврските предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.
Преку оваа иницијатива се препознаваат локалните самоуправи кои покажуваат резултати во создавањето услови за квалитетна младинска работа, неформално образование, информирање и поголемо учество на младите во донесувањето одлуки.
Со добиеното признание, Општина Битола се издвојува како една од водечките локални самоуправи во земјата во спроведувањето младински политики и поддршката на младите генерации.
