МВР официјално за трагедијата кај Богданци: На двојната смрт и претходела кавга меѓу малолетничката и нејзиното момче

Македонија, Хроника

03.11.2026 во 18:40 часот Т.К. од Богданци пријавил дека на место викано „Ичева чешма“, Горно село во Богданци забележал опожарено паркирано патничко моторно возило, во чија близина има безживотно тело.

Веднаш по пријавата полициски службеници од ПС ОН Гевгелија се упатени на местото на настанот, каде било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г.(21) од Богданци. Од екипа на Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија била констатирана смрт. По локализирање на пожарот од страна на Бригадата за противпожарна заштита, било забележано дека во возилото има опожарено лице без знаци на живот.

За настанот веднаш е известен Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и извршен е увид. По насоки на Јавен обвинител телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитет, односно утврдување на причините за смртта. Се преземаат мерки за утврдување на околностите и за целосно расчистување на случајот.

Претходно, на 01.10.2026 во 01:30 часот од страна на Џ.К.(46) во Гевгелија е пријавено дека на 30.09.2026 околу 21:00 часот по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка и В.Г.(21) кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на В.Г. во Богданци, физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и и биле упатувани закани по живот, доколку си замине од куќата, при што В.Г. и го оштетил мобилниот телефон со цел да не може да повика полиција. Во даден момент малолетничката успеала преку прозорецот да се оддалечи од куќата, при што и била пружена помош од случајни минувачи кои повикале полиција и истата била пренесена во Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

За настанот бил известен Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и составен бил Записник за примање на пријава за сторено кривично дело „телесна повреда” по член 130 став 2 од Кривичниот законик.

Од страна на полициски службеници од ОВР Гевгелија на 01.10.2026 во 01:09 часот В.Г.(21) е лишен од слобода и извршен бил службен разговор.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија на 14.10.2026 поднесе кривична пријава против В.Г.(21) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 ст.2 од Кривичниот законик.