НБРМ: Во главната филијала на Алта банка во Битола ќе се исплаќа готовина за граѓаните без картички
Граѓаните што имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, но немаат платежни картички, од четврток, 5 ноември, ќе можат да подигнуваат готовина во главната филијала во Битола, соопшти Народната банка.
Исплатата ќе се врши на повеќе шалтери на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21. Можноста е наменета за клиентите без картички, особено за пензионерите и примателите на социјална помош што ги добиваат средствата преку банката.
Ќе може да се подигнат до 20.000 денари, што е максималниот дозволен износ за повлекување во период од две недели.
Клиентите ќе добијат СМС-порака со денот и часот кога треба да дојдат. Од Народната банка апелираат да се почитуваат термините и да не се доаѓа порано или во денови кога лицето не е повикано, за да се избегнат гужви и долго чекање.
За граѓаните што нема да можат да пристигнат во определениот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини. Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени.
Шалтерите ќе служат исклучиво за подигање готовина, без извршување други трансакции.
Народната банка најавува дека се подготвува отворање шалтери за пензионери и приматели на социјална помош и во други градови, за што дополнително ќе ја извести јавноста.
