Оне Македонија и Неотел воспоставија стратешка соработка: Првите сервери веќе пристигнаа во дата-центарот
Оне Македонија и Неотел воспоставија стратешка соработка во рамките на развојот на новата телекомуникациска инфраструктура за третиот мобилен оператор во земјата. Партнерството претставува значаен чекор напред, во реализацијата на проектот и ја потврдува посветеноста на компанијата кон користење на капацитетите и експертизата на домашниот телекомуникациски сектор.

Соработката опфаќа услуги за сместување на серверска и телекомуникациска опрема во дата-центар (колокација), поврзување со транспортната мрежа (backhaul) и други инфраструктурни решенија неопходни за развојот на новата мрежа. Првата серверска опрема на Оне Македонија веќе пристигна во дата-центарот на Неотел АД, што претставува конкретен напредок во воспоставувањето на технолошките капацитети на компанијата.
Користењето на постојната телекомуникациска инфраструктура создава услови за ефикасна реализација на проектот и понатамошен развој на ИКТ-секторот. Истовремено, технолошките ресурси лоцирани во Северна Македонија имаат важна улога во безбедноста, управувањето и заштитата на корисничките податоци и податоците за телекомуникацискиот сообраќај, во согласност со важечките регулаторни барања.
„Нашата стратегија беше јасна уште од самиот почеток: модерна телекомуникациска мрежа подготвена за иднината, а истовремено и силни партнерства со локалните компании. Неотел има важна улога во оваа визија. Пристигнувањето на првите сервери е доказ дека веќе ги поставуваме темелите на нашиот технолошки развој“, изјави Брано Ѓуровиќ, главен извршен директор на Оне Македонија по потпишувањето на договорот.

Покрај техничките аспекти, овој проект има и пошироко значење за телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија. Вклучувањето на локалните компании и користењето на нивната експертиза создаваат дополнителни можности за размена на знаења, зајакнување на домашните капацитети и долгорочен развој на дигиталниот сектор во Северна Македонија.
„Горди сме што Оне Македонија го избра Неотел АД за свој стратешки инфраструктурен партнер во еден од најзначајните телекомуникациски проекти во земјата. Довербата што ни е укажана да обезбедиме мрежно поврзување, услуги на дата-центар и техничка поддршка претставува признание за знаењето и инвестициите што ги развивавме низ годините. Преку ова партнерство, на новиот мобилен оператор ќе му ја обезбедиме висококвалитетната критична инфраструктура неопходна за функционирање на безбедна, напредна и високо достапна 5G-мрежа, придонесувајќи кон понатамошниот развој на телекомуникациите и дигиталната трансформација на Македонија“, изјави Даме Цветковски, генерален директор на Неотел АД.
Оне Македонија, дел од унгарската Групација 4iG, како трет мобилен оператор во земјата, ќе внесе нова динамика во телекомуникацискиот сектор, додека партнерствата со локалните инфраструктурни компании имаат важна улога во создавањето на техничките и оперативните предуслови за идните активности на операторот.
Со пристигнувањето на првата серверска опрема и воспоставувањето на стратешката соработка со Неотел АД, Оне Македонија продолжува да остварува конкретен напредок во реализацијата на своите инвестициски планови. Неотел АД е етаблиран телекомуникациски оператор и давател на инфраструктурни услуги во Македонија, кој нуди напредни решенија за податочно поврзување, услуги на дата-центар и ИКТ-решенија за деловни корисници, јавни институции и домаќинства.
Паралелно со развојот на новата 5G-мрежа, Оне Македонија ја гради инфраструктурната и партнерската основа за долгорочно присуство на македонскиот пазар, со цел да придонесе кон поголема конкуренција, современи телекомуникациски услуги и забрзан дигитален развој на Северна Македонија.
