Божиновска: Енергетската транзиција бара нови инвестиции, модерна мрежа и иновативни технологии
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“, нагласувајќи дека енергетската транзиција бара стратешко планирање, нови инвестиции, модернизација на инфраструктурата и примена на иновативни технолошки решенија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека енергетиката денес е многу повеќе од производство и снабдување со електрична енергија – таа е директно поврзана со економската конкурентност, енергетската безбедност, технолошкиот развој и квалитетот на животот на граѓаните.
„Одлуките што ги носиме денес во енергетскиот сектор ќе влијаат врз економијата на утрешнината, нашата отпорност на глобалните кризи и можностите што ќе им ги оставиме на идните генерации“, посочи министерката.
Таа нагласи дека успешната енергетска транзиција не подразбира само промена на изворите на енергија, туку и модернизација на мрежата, поголема енергетска ефикасност, дигитализација, складирање енергија и воведување паметни системи за управување.
Божиновска посочи дека државата располага со значаен потенцијал за развој на обновливите извори на енергија, особено сончевата, ветерната и хидроенергијата. За целосно искористување на овој потенцијал, неопходни се паралелни инвестиции во инфраструктурата и технологиите што ќе обезбедат стабилно и сигурно функционирање на енергетскиот систем.
Посебен акцент стави на улогата на иновациите, дигиталните технологии, автоматизацијата и вештачката интелигенција во унапредувањето на индустриските процеси, намалувањето на потрошувачката на енергија и поефикасното користење на ресурсите.
„Вистинската вредност на иновациите се гледа тогаш кога знаењето се претвора во конкретни решенија – поефикасни компании, подобри услуги, нови инвестиции и поквалитетен живот за граѓаните“, истакна Божиновска.
Министерката ја нагласи и важноста од посилно поврзување на образованието, науката, индустријата и институциите, со цел младите да добијат повеќе можности за практична примена на знаењето, учество во развојни проекти и професионален напредок во државата.
„Како Министерство, остануваме посветени на создавање стабилна и предвидлива регулаторна рамка, поттикнување инвестиции и развој на енергетски сектор што ќе одговори на потребите на граѓаните и стопанството и ќе придонесе за европската интеграција на државата“, нагласи Божиновска.
Таа додаде дека резултатите од енергетската транзиција треба да се оценуваат не само преку реализираните проекти и инсталираните капацитети, туку и преку сигурноста на снабдувањето, конкурентноста на индустријата, поефикасното користење на ресурсите и новите можности за идните генерации.
Со отворањето на „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“ беше истакната важноста на континуираната соработка меѓу институциите, бизнис-секторот, научната заедница и младите во создавањето современ, одржлив и конкурентен енергетски сектор.
