Меџити: Промените во Србија се можност за нов пристап кон регионалната соработка

Македонија

 Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, во своја објава оцени дека во Србија „победила промената“, опишувајќи го исходот од предвремените парламентарни избори како тежок пораз за Александар Вучиќ и неговиот модел на владеење.

Според Меџити, по 14 години на власт, исходот претставува удар врз автократското управување и можност Србија да се оддалечи од политичкото наследство на Слободан Милошевиќ и национализмот што го обележа регионот.

„Контролата врз медиумите, притисокот врз противниците и заробувањето на институциите не успеаја да ја направат власта на Вучиќ вечна. Неговиот случај покажува дека ниту еден лидер не е незаменлив и дека ниту една власт не е посилна од волјата на граѓаните“, порача Меџити.

Тој се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“, оценувајќи дека крајот на доминацијата на Вучиќ би можел да значи и крај на, како што го нарече, неговиот проект за регионална доминација. Според Меџити, политичките промени во Србија отвораат простор за регионална соработка заснована врз партнерство, реципроцитет и рамноправност меѓу суверените држави.

„Отворениот Балкан треба да биде рамноправен Балкан, а не регион во сенка на нечии доминантни амбиции“, истакна тој.

Меџити нагласи дека демократијата се одржува преку сменливост на власта и отчетност, а политичарите се претставници на граѓаните, кои имаат право да им го дадат и да им го одземат мандатот.

Во објавата тој наведе и дека соработката меѓу албанските политички сили во Прешевската Долина овозможила обезбедување најмалку два пратенички мандата во новиот состав на српскиот парламент. Тоа, според него, е порака за значењето на обединувањето и заедничкото дејствување.