Николоски: Новиот оператор „4iG“ ќе користи сателити на Илон Маск за мобилно поврзување
Новиот мобилен оператор „Оне Македонија“, дел од унгарската групација „4иГ“, планира да ја користи сателитската мрежа Starlink на компанијата „Спејсекс“. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“.
Според Николоски, Македонија и Црна Гора ќе бидат меѓу првите земји во регионот во кои ќе се воведе директно сателитско поврзување на мобилните телефони.
„Кога ќе заврши тестирањето, одат директно на Starlink, односно на сателитите на Илон Маск“, изјави тој.
Николоски посочи дека новиот оператор има обврска до март 2027 година да обезбеди покриеност на најмалку еден град, а до крајот на годината услугите да бидат достапни низ целата држава. Овие рокови се однесуваат на покриеноста на операторот, додека воведувањето на сателитското поврзување е поврзано со завршувањето на тестирањата.
Иако операторот можел сам да избере каде ќе започне со работа, го одбрал Скопје.
„Тие го одбраа градот Скопје, што значи дека сериозно влегуваат на пазарот“, рече Николоски.
Според објавените информации за соработката меѓу „4иГ“ и „Спејсекс“, технологијата Starlink Mobile V2 е предвидена за Македонија, Црна Гора, Албанија и Унгарија. Таа треба да овозможи директно поврзување на компатибилни телефони со сателити, особено во подрачја со ограничена покриеност од земјените мобилни мрежи.
Сателитската услуга е предвидена како дополнување на постојната телекомуникациска инфраструктура.
Николоски очекува третиот мобилен оператор да ја засили конкуренцијата и да придонесе за пониски цени. Според неговите информации, компанијата планира понуди со значително пониски цени од оние на двата постојни оператори.
