На ТикТок се закани, па со нож повреди наставник и ученик (ВИДЕО)

Свет, Хроника

Ученик (13) нападна и повреди наставник и друг ученик со нож во училиште во романскиот град Бистрица, соопшти денеска полицијата.

Романските медиуми пренесуваат дека, непосредно пред нападот, момчето објави пораки на социјалните мрежи во кои најави што планира да направи, јавува Ројтерс.

„Полицијата доби пријава околу 8:40 часот наутро дека ученик во седмо одделение во училиште во Бистрица нападна наставник и друг ученик со нож“, се наведува во соопштението на полицијата.

Извор од романските правосудни органи изјави за Ројтерс дека против 13-годишникот се води истрага под сомнение за обид за тешко убиство. Сепак, тој нема да биде кривично гонет поради неговата возраст. Ројтерс не успеа да стапи во контакт со адвокатот на момчето.

Според истиот извор, момчето на „ТикТок“ објави пораки со кои се поттикнува насилство. Сепак, обвинителите мораат да ги прегледаат неговите електронски уреди пред да донесат конечни заклучоци.

Неколку романски медиуми објавија дека момчето ги најавило своите намери на интернет непосредно пред нападот.

На една од фотографиите што ги пренесоа локалните медиуми се гледа момче како се фотографира во огледало во бања, држејќи нож и носејќи шлем со камера.

Од „ТикТок“ засега нема коментар за случајот.

Романскиот министер за образование, Михаи Димијан, изјави дека истражителите мора да утврдат дали објавите што му се припишуваат на момчето се автентични.