Бугарскиот министер Демерџиев ги нарече македонските власти „српски“

Балкан, Македонија, Политика

Иван Демерџиев порача дека Бугарија нема да ја екстрадира Ива Михаилова, по која македонските власти распишаа потерница, а откако новинарот го предупреди дека ги заменил Македонија и Србија, одговори дека грешката не била толку голема.

„Ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти“, изјави Демерџиев во интервју за еден бугарски поткаст, објаснувајќи го ставот на Бугарија дека нема да ја предаде Михаилова на македонските власти.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ги нарече македонските власти „српски“, говорејќи за случајот со Ива Михаилова, 23-годишната девојка од Кочани по која македонската држава распиша меѓународна потерница. Новинарот го потпраша Демерџиев дали станува збор за ненамерен лапсус или за намерно споменување на Србија, министерот призна дека погрешил, но додаде дека тоа не била „толку голема грешка“.

Демерџиев повтори дека Бугарија нема да ја екстрадира Михаилова, повикувајќи се на нејзиното бугарско државјанство и на законските процедури во земјата.

Михаилова има двојно, македонско и бугарско државјанство, а во Македонија против неа се води судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици. Во несреќата, што се случи во октомври минатата година на патот меѓу Кочани и Штип, загина 33-годишен маж, а имаше и повредени лица. Нејзината вина сè уште не е утврдена со правосилна судска пресуда.

Бугарските власти се повикуваат на домашното законодавство и на меѓународните правила за екстрадиција, според кои предавањето сопствени државјани на друга држава е предмет на посебни правни услови.

За овој случај македонското Министерство за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор во Скопје на разговор. Македонските институции изразија загриженост за околностите под кои Михаилова ја напуштила земјата, особено затоа што имала судска мерка со која ѝ било забрането да ја напушта Македонија.

Според македонското МВР, во системот на граничната полиција немало евиденција дека таа законски ја напуштила државата. Од друга страна, Михаилова и нејзиниот бугарски адвокат во изјави за бугарските медиуми тврдеа дека влегле во Бугарија преку официјален граничен премин, користејќи лични документи.

Околностите под кои таа заминала и евентуалната одговорност на лица или институции сè уште треба да бидат утврдени од надлежните органи.