Утре ја славиме заштитничката на девојките – еве што треба да направи секоја мајка и ќерка за среќа во домот

Дали Знаете

Во традицијата на Православната црква, 18 октомври е посветен на сеќавањето и чествувањето на Светата маченичка Харитина Амисиска, млада жена чиј живот остана запечатен како еден од најсилните примери за непоколеблива вера, физичка и душевна чистота и исклучителна духовна храброст.

Иако рано останала сираче, нејзината кротост и посветеност на Христа ја претвориле во вистинска учителка и утешителка за многумина уште за време на нејзиниот земен живот, а нејзината маченичка смрт во времето на суровите прогони под императорот Диоклецијан ја воздигна во вечен молитвен заштитник на сите што се соочуваат со животни искушенија, неправди и безнадежност.

Од сираче до духовен светилник

Раната загуба на родителите не ја скршила малата Харитина; напротив, нејзиниот судбински пат ја однел во домот на благочестивиот и богат христијанин Клавдиј, кој ја одглегал со необична грижа како сопствено дете.

Додека растела, Харитина привлекувала внимание не само со својата раскошна надворешна убавина, туку пред сè со извонредната кротост, мудрост и длабока посветеност кон духовните вредности. Нејзиниот дом се претворил во вистинско засолниште на мудроста, каде што со своите зборови и пример успеала да привлече многу свои сограѓани кон христијанството, подучувајќи ги на кротост, милосрдие и праведен живот.

Но, времето во кое живеела – периодот на суровите римски прогони под власта на императорот Диоклецијан околу 304 година – не простувало поинакво размислување. Поради нејзината непоколеблива отвореност во верата и неуморната проповед, таа брзо се нашла на удар на локалните власти кои сакале со сила да ја скршат нејзината приврзаност кон Христа.

Нескршлив дух пред најтешките искушенија

Пред лицето на мачителите, младата Харитина покажала храброст која ги запрепастила дури и нејзините прогонуватели. Историските и црковните записи сведочат за низа сурови мачења низ кои минала: била подложена на тешки физички удари, на вратот ѝ ставале тежок железен обрач, ја подложувале на понижувања, па дури и ѝ посипувале жешки јагленчиња врз телото за да ја скршат нејзината волја.

Меѓутоа, ниту еден физички удар не успеал да ја поколеба нејзината внатрешна сила. Наместо страв и очај, таа до последниот миг покажала несекојдневна смиреност. Според сведоштвата, кога се соочила со крајните закани и обидот да ја фрлат во морето, таа со длабока благодарност кон Бога самата си ја предала душата во рацете на Создателот. Нејзиното тело подоцна било со почести извлечено и чесно погребано од Клавдиј, оставајќи траен белег во меморијата на верниците.