Светски рекорд на Матка: Врело е најдлабоко истражената подводна пештера со 338 метри!
Подводната пештера Врело во кањонот Матка стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри во рамки на експедицијата „Врело 2026“. Со овој подвиг беа поставени три светски рекорди, а пештерата го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.
Експедицијата се одржувала од 10 до 17 октомври, а во неа учествувале 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.
Според Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, рекордите се постигнати во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Покрај достигнувањето на новата длабочина, нуркачите откриле и два досега непознати канали, со што значително е проширена мапата на пештерскиот систем. Вкупно се истражени повеќе од 150 нови метри пештерски канали.
Првиот нов канал се наоѓа на околу 300 метри од влезот на пештерата, на длабочина од 33 метри, и е долг приближно 100 метри. Вториот е откриен на длабочина од 170 метри и се поврзува со главниот длабински канал.
Рекордното нуркање го извршил полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала. Операцијата траела девет часа и била внимателно планирана, со поддршка од 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини.
На површината бил организиран координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка. Во случај на потреба, на располагање биле хипербарична комора со специјализиран персонал, хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи, нуркачките тимови на САЕ „Тигар“, брзи чамци и екипа на Итната медицинска помош.
Посебен успех за македонските нуркачи е и изработката и поставувањето на подводна воздушна комора, позната како хабитат. Таа била поставена на длабочина од осум до девет метри, на околу 130 метри од влезот на пештерата.
Комората служела како простор за престој на нуркачите за време на долгите декомпресиски процедури. Во пештерата биле поставени и повеќе од 30 боци со различни гасни смеси, на различни локации и длабочини, како и резервни батерии за греење и осветлување.
Со новото достигнување, Врело од третото место на светската листа се искачи на првото. Пред експедицијата, најголемата истражена длабочина изнесувала 287 метри, а сега е потврдена длабочина од 338 метри.
Овој подвиг претставува значаен успех за македонската спелеонуркачка заедница и дополнително го афирмира кањонот Матка како исклучително важен локалитет за истражување на подводни пештерски системи.
