Коњановски: Нова инвестиција на „Кромберг и Шуберт“ во Битола, планирани 2.000 нови работни места
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, го поздрави потпишувањето на договорот меѓу Владата и компанијата „Кромберг и Шуберт“ за нов инвестициски проект во Битола, кој предвидува производство на автомобилски компоненти за „Ауди“ и отворање 2.000 нови работни места во следните четири години.
Коњановски ја сподели информацијата со сограѓаните, пренесувајќи ја оценката на премиерот Христијан Мицкоски дека инвестицијата претставува силна порака за иднината на македонската економија.
Според изнесените податоци при потпишувањето на договорот, со реализацијата на проектот вкупниот број вработени во компанијата во Македонија треба да достигне 10.000. Планираниот производствен капацитет на новиот проект е над 3.000 автомобилски снопови дневно, наменети за нов модел на „Ауди“.
Од производните капацитети на „Кромберг и Шуберт“ во Македонија следната година се очекува извоз поголем од 400 милиони евра. Воедно, беше наведено дека просечните плати за висококвалификуваниот кадар се над 80 проценти повисоки од просечната плата во земјава.
Коњановски ја пренесе и пораката на премиерот дека проектот е потврда за довербата на странските инвеститори во Македонија, квалификуваната работна сила и потенцијалот на домашната индустрија.
