НОВ ПРЕСВРТ во случајот кој ја потресе јавноста: Дрога, одземен пиштол од полицаец и драматично бегство – откриено што навистина се случило

Дали Знаете, Македонија, Хроника

Нов пресврт во случајот со двајцата мажи од Сарај кои на 7 октомври тврдеа дека биле брутално претепани од полициски службеници.

Полицијата соопшти дека против двајцата се поднесени кривични пријави, откако во нивното возило била пронајдена марихуана, објави телевизија Алсат.

Станува збор за лицата кои претходно јавно тврдеа дека биле изложени на полициско насилство, нагласувајќи дека во нивниот автомобил немало ништо сомнително.

Според информациите од полицијата, при интервенцијата е утврдено дека еден од осомничените претходно му го одзел службениот пиштол на полициски службеник.

Во рамките на случајот бил уапсен и трет човек, кај кого била пронајдена поголема количина дрога.

Овие информации отвораат нови околности во случајот кој претходно предизвика реакции во јавноста поради тврдењата за полициска бруталност. Наводите за физичко малтретирање, сепак, претставуваат посебно прашање кое бара соодветна проверка.

Кривични пријави против три лица за сторени кривични дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие” и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”

Во врска со кривично правниот настан, кој се случил на 07.10.2026 околу 20:25 часот на ул.„Црногорска“ во Скопје каде при заседа на патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, а по претходно добиени оперативни сознанија дека ќе биде извршено кривично дело по член 215, купопродажба на марихуана, веднаш по добиените информации преземени се соодветни мерки и од страна на полициските службеници даден е знак за запирање на патничкото возило „бмв“.

Откако полициските службеници се упатиле кон возилото со цел легитимирање и преглед, возачот го стартувал возилото, при што удрил во бандера и во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана. Во тој момент еден од полициските службеници го извадил својот службен пиштол и од совозачката страна на полуотворениот прозорец издал наредба „стој полиција“, при што од страна на лицето од совозачката страна му бил одземен службениот пиштол, а возачот го стартувал возилото и се дал во бегство.

Полициски службеници кои биле поставени во близина, се упатиле по возилото кое со голема брзина се движело по ул.„Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје-Тетово, при тоа оглушувајќи се на звучните и светлосни знаци од полициските службеници, а од страна на еден полициски службеник испукани се и три предупредувачки проектили во воздух. Во еден момент возилото „бмв“ удрило во банкина на автопат и се извртело, по што од возилото излегле возачот П.А.(24) и совозачот Е.П.(21). Лицата се лишени од слобода, пиштолот е одземен, а по извршено пребарување на теренот пронајдена е кеса со марихуана.

Во координација со ОЈО Скопје од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО, денеска (14.10.2026) поднесена е кривична пријава против Е.П. и П.А. за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие” по член 382 од Кривичниот законик и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” по член 215 од Кривичниот законик, а против М.Т. за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот поднесена е кривична пријава за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” по член 215 од Кривичниот законик.

Исто така, за настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој презема мерки и активности во врска со евентуалните неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај.