Сплит ќе биде домаќин на концерт посветен на музиката на Тоше Проески
Во Сплит, Хрватска, на 16 октомври ќе се одржи концерт посветен на Тоше Проески. Концерот ќе се одржи на денот кога се навршуваат 19 години од неговата трагична смрт.
На концертот „Тоше засекогаш – музика што живее“ ќе настапат македонски пејачи, симфониски оркестар и музичари од регионот кои соработувале со македонската поп-ѕвезда.
Настанот ќе се одржи во спортскиот центар „Грипе“, со почеток во 20 часот. Македонскиот симфониски оркестар ќе настапи под диригентство на Владимир Димовски, а најавени се и Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски.
Од Хрватска ќе настапат Антонија Шола, Ивана Ковач и Петар Драгојевиќ, а меѓу гостите се најавени и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ и босанската пејачка Илма Карахмет.
Публиката ќе има можност да ги слушне познатите песни на Проески во оркестарски аранжмани, како и македонски традиционални композиции. Дел од програмата ќе биде посветен на музичкото наследство на Македонија, земјата од која потекнуваше Тоше.
Организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец кој живее во Хрватска. Тој за „Вечер“ изјавил дека побарал дозвола од семејството на пејачот и дека првично добил одобрување. Според него, авторските права за изведбата се регулирани преку хрватската организација ЗАМП.
Семејството на Тоше, од друга страна, претходно јавно се огради од настанот, наведувајќи дека не учествува во неговата организација и дека не дало официјална согласност.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска, на 26-годишна возраст. Неговата музика и денес има публика низ целиот регион, а следната година ќе се одбележат 20 години од неговата смрт. Семејството најавило дека се подготвува за посебен настан во Македонија по тој повод.
