Баба му е неговиот херој, а тешкиот пат го направи посилен: Инспиративната приказна на Ален Рустемовски!
Зад успесите на македонскиот боксерски ас Ален Рустемовски, спортист на Македонија за 2025 година, се крие пат исполнет со жртви, предизвици и моменти во кои морал сам да најде сила да продолжи.
„Имало периоди кога тренирав двапати дневно, а немало човек кој ќе дојде со мене на секој тренинг, да ме мотивира или да ме турка кога ми е најтешко. Сум одел сам и на турнири и на подготовки и сум морал сам да најдам начин да продолжам“, искрено раскажува Рустемовски во интервју за Gol.mk.
И покрај тешките услови и разочарувањата, тој не се откажал од својот сон. Поразите ги претворил во мотивација, а победата во четвртфиналето на Европското првенство во Софија ја издвојува како еден од најзначајните моменти во кариерата.
Сепак, зад боксерот и освоените медали стои и човекот кој има посебно место во неговото срце – неговата баба.
„Таа е човекот кој најмногу ми значи и дефинитивно една од најзаслужните личности за човекот што сум денес. Таа се бореше за сите нас и секогаш беше тука кога ни беше најпотребна“, вели Ален.
По освоените медали, ѝ кажал дека му се остварил првиот голем сон. Но, покрај спортските успеси, за него постои и поважна цел.
„Секогаш ѝ велам дека сакам да бидам најдобар човек, а не само најдобар боксер“, порачува Рустемовски.
Неговата приказна е доказ дека вистинската сила не се мери само со победите во рингот, туку и со способноста да се продолжи по најтешките порази, без да се заборават луѓето кои биле тука кога било најпотребно.
