Божиновска: Сигурното снабдување со струја и заштитата од ценовни шокови се наши приоритети
Владата ги презема сите мерки за да ги заштити граѓаните од ценовни шокови и да обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за МИА.
Божиновска посочи дека околу 80 проценти од населението се наоѓа во првиот тарифен блок. Таа нагласи дека се вложуваат напори да нема поскапувања, но предупреди дека глобалните случувања создаваат неизвесности врз кои државата не може целосно да влијае.
„Некои работи ние едноставно не можеме да ги контролираме, но што се однесува до производството, ќе направиме сѐ за да биде на одлично ниво“, истакна министерката.
Во однос на можноста следната година да се продолжи периодот на евтина струја, Божиновска рече дека Регулаторната комисија за енергетика прави анализи, имајќи го предвид и зголемениот број фотоволтаични електрани во земјата. Таа најави средба со претседателот на Комисијата за да се разгледаат можните решенија во интерес на граѓаните.
Министерката информираше дека, според разговорите со претставниците на ЕСМ, исполнетоста на акумулациите моментно изнесува околу 40 проценти. Ова ниво го оцени како добро за овој период од годината и порача дека државата ќе ги преземе потребните чекори за сигурност во снабдувањето.
Божиновска се осврна и на регионалната енергетска соработка, по учеството на Вториот министерски самит за енергетика во Белград. На билатералната средба со бугарската министерка за енергетика, Ива Петрова, разговарале за батериски системи за складирање енергија, поврзување на електроенергетските пазари, прекугранична размена и мерки против енергетската сиромаштија.
Меѓу темите биле и Иницијативата Исток–Запад за дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија, како и можностите за заеднички настап пред меѓународните финансиски институции за стратешки проекти.
Според Божиновска, соработката ќе се продлабочува и преку поврзување на МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со нивните партнери во Бугарија. Целта е да се обезбедат повеќе интерконекции, поголеми преносни капацитети и посигурен енергетски систем за граѓаните и стопанството.
