ФОТО: ДУИ обвинува за полициска бруталност
Демократската Унија за Интеграција бара целосно расветлување на случајот со двајцата млади на возраст од 21 и 23 години, кои, според нивните изјави, биле брутално малтретирани од полицијата.
Според информациите на партијата, во интерниот полициски извештај се тврди дека младите му го одзеле пиштолот на еден полициски службеник, додека, според нивните изјави, оружјето завршило во нивното возило откако полицијата им го скршила стаклото. Тие, исто така, изјавуваат дека полицајците пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на возилото, а потоа ги малтретирале, откако им ги врзале рацете и ги легнале на земја – се вели во соопштението на ДУИ со кое се бара истрага.
Со став се јави и МВР. Оттаму велат дека ќе го истражат случајот.
“По објавите во дел од медиумите дека на 07.10.2026 година, на подрачјето на Скопје, две лица биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување, при што, според нивните наводи, им бил оштетен и автомобилот, министерот за внатрешни работи наложи на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници.
По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена.
