ВЛЕН: 428 полицајци Албанци добија унапредување во МВР

Македонија

Во изминатите две и пол години, во рамки на Министерството за внатрешни работи биле реализирани мерки насочени кон зголемување на застапеноста и унапредувањето на Албанците, нови вработувања и децентрализација на административните услуги, соопшти ВЛЕН.

Според партијата, 428 полициски службеници Албанци биле унапредени во кариерата, додека биле реализирани и повеќе од 100 нови вработувања на полициски службеници.

Дополнително, како што наведуваат од ВЛЕН, биле реализирани над 50 вработувања во административните служби на МВР.

Во делот на услугите за граѓаните, биле отворени осум единици на административни служби, од кои пет се наоѓаат во рурални средини.

Од ВЛЕН посочуваат и дека биле иницирани пунктовите „One Stop Shop“ на граничните премини Блаце и Јажинце, а се планира нивно проширување и на Ќафасан, Блато и Белановце.

Како дополнителна новина, од партијата наведуваат дека за првпат е создадена можност Албанец да биде именуван за заменик-началник на сите единици на централно ниво во МВР.

Од ВЛЕН оценуваат дека овие податоци се резултат на нивните заложби за правична застапеност, професионално унапредување и услуги поблиску до граѓаните.