Целосната програма за „Бела ноќ“: Бесплатен превоз, бесплатна Зоолошка и два часа подолго забава

Дали Знаете, Забава, Сцена

Скопје вечерва повторно ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“, со музика, изложби, театар, филмски проекции и уметнички перформанси на повеќе локации низ градот. Главната програма е најавена од 19:00 до 03:00 часот, а дел од настаните започнуваат и порано.

По повод манифестацијата, работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје ќе биде продолжено за два часа.

За граѓаните полесно да бидат дел од програмата, превозот со ЈСП ќе биде бесплатен од 18:00 часот на 3 октомври до 05:00 часот на 4 октомври. Бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.

„Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ“, порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Една од централните точки ќе биде плоштадот „Мајка Тереза“, односно платото пред МОБ, каде програмата започнува во 18:00 часот со Детскиот фестивал „Поточиња“. Потоа следува интерактивен театар за деца, а од 19:30 часот започнува музичката програма со DJ Bono. Во 20:30 часот настапува „Допамин бенд“, во 22:00 часот Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, додека на полноќ програмата продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.

Кај фонтаната „Лотос“, од 20:30 часот ќе настапат Flooder & Vaso, од 22:00 DJ Vecky – Fluere, а полноќниот термин е резервиран за Invictoz – Sempre.

Музичка програма ќе има и на Боемска улица, каде од 21:30 часот е најавен настап на Владимир Поповски и бенд во рамките на „Боемска бела ноќ“, а од 23:00 часот DJ Toše Veljanov.

На платото пред МКЦ, од 20:00 часот ќе се одржи „RE-ART – во живо“, перформанс на циркуларна уметност, додека на платото пред Музејот на современата уметност ќе се одржи „IN BETWEEN 04“ со повеќе диџејски настапи, меѓу кои DJ Ayu од Берлин, DJ Peneva, DJ Stefan Strange, DJ Bole и DJ Luka.

Програма е предвидена и на улицата „Македонија“, во амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза, каде ќе има театарска и филмска проекција.

Во Музејот на Град Скопје, од 20:00 часот е најавена изложбата „Архаика 2.0“, а од 22:00 часот следува музичка програма со Bass Lab, Stone Monkey, DJ Z, Orb и DJ Snuziii.

Археолошкиот музеј вечерва ќе биде отворен со бесплатен влез, а посетителите ќе можат да ја погледнат програмата „35 предмети, 35 приказни“.

Во Домот на градежници се најавени самостојна и групна изложба, во „Аудио Култура“ од 20:00 часот ќе се одржи програмата „Дуо драма, љубовни писма“, додека во „Мала станица“ ќе биде поставена мултимедијална изложба.

Во Чифте амам ќе може да се посети изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а програмата во Старата скопска чаршија, на плоштадот „Скендербег“, предвидува настап на Coda Band од 21:30 и DJ Miran од 23:00 часот.

Дел од „Бела ноќ“ се и ДКЦ „Карпош“ и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде во Паркот на поезијата се организираат активности и изложба посветени на поезијата.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да излезат со семејството и пријателите и да изберат дел од програмата која вечерва ќе се одвива на повеќе точки низ Скопје.