Бугарија ги пречека останките на цар Самуил со химна и со поздрав од 21 топ (ВИДЕО)

Балкан

Точно 1012 години по неговата смрт, останките на цар Самуил денеска пристигнаа од Грција и беа изложени во центарот на Софија пред илјадници граѓани пред ковчегот да биде положен во базиликата „Света Софија“, пишуваат бугарските медиуми.

Поворката со посмртните останки на цар Самуил беше пречекана со аплауз на плоштадот „Батенберг“. Претходно, посмртните останки пристигнаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, транспортирани со воен авион „Спартан“ од Солун. Откако влегоа во бугарскиот воздушен простор, авионот беше придружуван од борбени авиони МиГ-29 и Ф-16.

Премиерот Радев одржа говор, по што следеше бугарската национална химна и поздрав со 21 топ.

„Овој плоштад се сеќава на многу паради и поворки. Бучната река на нашата историја тече низ него. Но, денеска се собравме за да исполниме мисија и долгоочекувана должност. Пред нас се смртните останки на цар Самуил. Тој го имаше тешкиот товар да ја брани Татковината на Балканскиот Полуостров покрај моќната Византиска Империја, да издржи убоди одзади од своите роднини, но и да ги чува нашите граници на исток и југ. Многу бугарски владетели се познати, но историската судбина е променлива – по години просперитет, доаѓаат времиња на тешки искушенија“, рече бугарскиот премиер во својот говор.

Радев рече дека старата престолнина Преслав паѓала, а Самуил и неговите браќа наследиле ослабена Бугарија, па тој ја има тешката судбина да поминува војни бранејќи го бугарскиот идентитет.

Тој им се заблагодари на сите политичари кои, во последните 60 години, како што рече, не штеделе труд да го вратат царот.