Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ги достави реформските предлози до архивата на СДСМ
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ денеска во партиската архива на Социјалдемократскиот сојуз ан Македонија (СДСМ) на „Бихаќка“ ги доставија предлозите за структурни промени во партијата.
Предлозите, како што информираат од Платформата преку објава на нивната фејсбук-страница, ги доставиле Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски.
„Се надеваме дека овие предлози ќе стигнат на адресата на оној кој може да ги разбере“, велат од Платформата.
Оттаму сметаат дека во интерес на иднината на партијата и државата е во разумен рок да се преземат конкретни чекори за враќање на партијата на членството.
„На хистеријата одговараме со предлози, на инертноста со конкретна акција, на безидејноста со прецизен план“, се додава во објавата.
Инаку, од Платформата вчера преку соопштение кое беше испратено како реакација на обвинувањата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рекоа дека тој ѝ нанесува штета на партиската демократија, одбивајќи ги сите предлози за структурни реформи без претходно да ги разгледа, а партијата ја свел на инструмент за тесен круг луѓе.
Велат дека Филипче сиот личен бес го истура врз оние што мислат поинаку од него обвинувајќи го дека користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ.
Тие вчера рекоа дека и покрај заканите и напорите да бидат спречени, до архивата на СДСМ сепак ќе ги достават предлозите за реформа на партијата.
Инаку, претставниците на демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ минатата недела на брифинг со новинарите рекоа дека тие не се и нема да бидат нова политичка партија, ниту пак ќе прават независни листи за парламентарните избори. Рекоа дека целта е да помогнат во окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година.
