Фон дер Лајен: По деблокадата на процесот, ЕУ ќе дојде со патокази – клучни се уставните измени
Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија, да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворан за нови билатерални условувања, побарал денеска премиерот Христијан Мицкоски на средбата во Скопје со претседатеката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
Како одговор на барањето, како што информираше Мицкоски на заедничката прес-конфереција во Владата, од еврокомесарката добил совет Владата да иницира билатерална средба со Бугарија.
– Веќе следната недела министерот за надворешни работи и надворешна трговција Тимчо Муцунски е во Софија, на настан поврзан со Коридорот 8. Добив совет да побараме од домаќинот средба на билатерлана основа. Веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара средба со колешката, да го движиме процесот – истакна Мицкоски.
Тој информираше дека на средбата со Фон дер Лајен станало збор за реформите и динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат патот на Македонија кон ЕУ.
– Нашата желба е отворените прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната без простор за нови толкувања или дополнителни барања – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Целта, како што посочи, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа.
Мицкоски ја потврди стратешката определба на земјата за членство во ЕУ, посочувајќи дека земјата ги исполнува своите обврски и ги спроведува сите потребни реформи. Тој додаде дека истовремено веруваат и дека дошло времето овој процес да добие посилна политичка поддршка од сите европски институции.
Мицкоски посочи дека е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.
– Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот 8 е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето. Нашата амбиција е јасна, додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава – истакна премиерот.
Еврокомесарката Фон дер Лајен на прес-конференцијата испрати, како што рече, јасна порака – вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија. Таа оцени дека државата постигнала успех со Планот за раст и најави дека ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели.
Таа истакна дека Македонија повторно покажала дека може да носи храбри одлуки за својата иднина, потенцирајќи дека Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст.
– Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно вие ни припаѓате нам – порача Фон дер Лајен.
Таа потсети дека со многу труд, со посветеност, пристапните преговори почнале во 2022 година и нагласи дека сега останува клучниот чекор – уставните измени.
– И сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата Унија побогата. Затоа што нашето мото е – различност и обединетост – и ние сме мошне сериозни по тоа прашање – рече Фон дер Лајен.
На новинарско прашање, зошто Македонија е изоставена од патоказите кои што се подготвени за четири земји – Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија, Фон дер Лајен порача дека, кога во Македонија ќе се деблокира процесот, Унијата ќе дојде со патокази.
Како што вчера најави еврокомесарката за проширување Марта Кос на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, кој се одржува во Пржно, Црна Гора, Европската комисија на 6 октомври ќе претстави дополнителни идеи за тоа како да се прошири постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија. Кос нагласи дека постепената интеграција не е замена за полноправното членство во ЕУ, туку начин земјите кандидати постепено да добиваат пристап до делови од придобивките и политиките на Унијата уште пред членството.
Постепената интеграција веќе се спроведува преку пристап до одредени делови од единствениот пазар и други политики на ЕУ, под услов земјите кандидати да ги исполнат потребните услови.
