Коњановски: Женското претприемништво е важен дел од развојот на Битола
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на средба со Советот за женско претприемништво на Општина Битола.
На средбата присуствуваа и заменик-градоначалничката Марина Крстиќ и претседателот на Советот Бојан Бојкоски, а во фокусот беше поттикнувањето на женското претприемништво, личниот развој, знаењето и меѓусебната поддршка.
Како што беше истакнато, целта е создавање заедница во која жените ќе се охрабруваат меѓусебно, ќе ги препознаваат можностите што ги носи новото време и ќе ја развиваат сопствената сила преку образование, соработка и размена на искуства.
Настанот се одржа во ресторанот „NOYA“, каде што беше организиран и мал саем на кој беа претставени жени од заедницата и нивните производи и дела. Преку својот труд, креативност и посветеност, тие создаваат вредности и придонесуваат кон развојот на локалната заедница.
Саемот, како што беше посочено, не беше само можност за претставување на нивната работа, туку и пример за истрајноста, знаењето и храброста потребни за создавање и развивање сопствена идеја.
На средбата беше упатена порака дека вложувањето во знаење, личен развој и меѓусебна поддршка е важен дел од градењето силна заедница, додека вистинското лидерство подразбира и грижа за човекот.
Визијата на Советот за женско претприемништво е создавање заедница на жени кои се љубопитни, образувани, одговорни и храбри да ги препознаваат предизвиците и можностите на новото време.
„Успехот не се мери само со постигнатото, туку и со начинот на кој ги инспирираме другите“, порача Коњановски.
