Распишан тендерот за системот БРТ – планирана линија од Ѓорче до Лисиче долга 12.8 километри

Дали Знаете, СКОПЈЕ

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) вчера го објави претквалификацискиот тендер за изградба на првата линија од системот за брз автобуски превоз – БРТ во Скопје.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски информираше дека тендерската постапка е распишана и ги повика заинтересираните компании од Македонија и регионот да се пријават.

Според официјалниот оглас на ЕБОР, предмет на набавката е проектот БРТ линија 1 коридор 1 и две депоа, во Ново Лисиче и Ѓорче Петров. Ова подразбира изградба на коридорот на првата БРТ линија, изградба на ново депо во Ново Лисиче и надградба на постојното депо во Ѓорче Петров.

Првата БРТ линија е планирана на траса долга околу 12,8 километри, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, со 22 автобуски постојки.

Се работи за отворен тендер со претквалификација, заинтересираните компании најпрво треба да докажат дека ги исполнуваат условите за учество, по што квалификуваните кандидати ќе продолжат во втората фаза од постапката. Рокот за доставување на пријавите за претквалификација е 2 ноември до 12 часот.

За овој проект ЕБОР уште пред неколку години одобри кредит од 70 милиони евра, од кои 40 милиони евра се предвидени за првата фаза, односно за БРТ линијата 1, а 30 милиони евра се наменети за втората линија, која треба дополнително да биде разгледана и подготвена.

Овој тендер не е тендер за набавка на автобуси, туку за инфраструктурата на БРТ системот. Набавката на возилата ќе биде одделна постапка.