Пратениците со два пасоша може да останат без мандат?
Предлогот со кој пратениците би можеле да имаат само македонско државјанство повторно се враќа во фокусот откако ЛДП и СДСМ побараа постапката во Собранието да продолжи. Законот доби почетна поддршка од 77 пратеници, но остана заглавен во процедура, додека сè уште се отворени прашањата кого точно треба да опфати и како ќе се проверува дали некој има второ државјанство.
Прашањето дали пратениците во Македонија треба да имаат само македонско државјанство повторно се отвори откако Либерално-демократската партија (ЛДП) побара Собранието да го продолжи разгледувањето на законските измени што беа поднесени пролетва.
Од ЛДП велат дека предлогот останал заглавен во собраниската процедура и бараат ограничувањето да не важи само за пратениците, туку и за министрите, директорите, судиите, јавните обвинители и другите функционери.
Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, со јавно објавен заверен нотарски акт побара и останатите колеги-пратеници да докажат дека и тие како неа, поседуваат само македонско државјанство.
– Во таа насока, ЛДП повторно бара од пратениците час поскоро да ги донесат измените со кои ќе се ограничи правото за поседување две државјанства на пратениците, но и на министрите, директорите, јавните обвинители, судиите и на другите функционери. Нема потреба од половични решенија, „ќе важи за овој мандат, ќе важи за другиот мандат“, „ќе важи за едните, ама нема да важи за другите“ – изјави Зајкова.
Поддршка за најновото барање на ЛДП даде и СДСМ. Од партијата на Венко Филипче побараа законското решение повторно да се врати во собраниска процедура.
„Бараме законот веднаш да се врати на дневен ред во Собранието и да се донесе без одложувања и без компромиси. Вистинската независност и вистинскиот патриотизам се докажуваат со лојалност кон една држава – Македонија. Нема место за двојни стандарди. Нема место за молчење на оние што сами го предложија законот, а сега го избегнуваат. Нема место за функционери што земаат плата од државата, а лојалноста им е поделена“, соопшти СДСМ.
Предлогот сè уште нема конечна собраниска одлука. На крајот од април расправата беше одложена, а околу законските измени беа поднесени голем број амандмани.
Како почна целата постапка?
Иницијативата почна на 21 април, кога петмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ – Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Марија Петрушевска и Игор Здравковски, поднесоа измени на Законот за пратениците.
Со предлогот се воведува дополнителен услов за пратеничката функција: за пратеник да може да биде избрано лице кое има само македонско државјанство. Тоа не значи општа забрана граѓаните да имаат две државјанства, туку услов што би важел за оваа јавна функција.
Законските измени беа поднесени во период кога СДСМ јавно тврдеше дека дел од пратениците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ имаат и бугарско државјанство.
Сепак, не постои официјален документ од надлежна институција со кој би се потврдило дека сите јавно посочени лица навистина поседуваат второ државјанство. Дел од прозваните пратеници ги демантираа тврдењата.
Бојан Стојаноски, еден од предлагачите, изјави дека тој и неговите колеги кои биле посочувани немаат друго државјанство и побара оние што тврдат спротивно да приложат докази.
