„Налеј“ и „Распукала Шар Планина“ одекнаа во Њујорк – настап за паметење на гимназијата „Орце Николов“

Дали Знаете, Македонија, Сцена

„Налеј, Распукала Шар Планина“, „Послушајте патриоти“, „Македонско трио“, „Бисер балкански“ – македонскиот мелос одекна во една од најпрестижните камерни сали во Њујорк, каде оркестарот „Орце Николов“ ја претстави македонската народна музика пред меѓународна публика.

Во настап пократок од половина час, членовите на оркестарот пред публиката на IYMC ја донесоа препознатливата енергија на македонската музичка традиција, вклучувајќи го и карактеристичниот седумосмински такт.

Настапот беше проследен со громогласен аплауз, а кај дел од македонските посетители во салата имало и солзи. Според членовите на оркестарот, реакциите пристигнале и од публиката која за првпат се сретнала со македонската народна музика.

Од оркестарот велат дека настапот во Њујорк ги оправдал очекувањата со кои заминале на патувањето и дека нивната енергија била препознаена и од организаторите на фестивалот.

За нив, ова патување е повеќе од концерт. Тоа е можност македонската музика да стигне до нова публика и да покаже дека традицијата може да звучи свежо, живо и современо, без да го изгуби својот препознатлив карактер. На крајот од патувањето, како што пренесуваат од оркестарот, останала и мислата на нивниот шеф-диригент: „Каменот тежи најмногу на своето место.“

Со настапот во Њујорк, младите музичари уште еднаш покажаа дека македонската народна музика има свое место и на големите светски сцени – таму каде што традицијата може да стане јазик што го разбираат сите.