ДУИ ОДНОВО „СОЛЗИ РОНИ“: НУЛА АЛБАНЦИ меѓу државните награди „8 Септември“
ДУИ преку соопштение реагира на годинашната листа на добитници на државните награди „8 Септември“, посочувајќи дека меѓу наградените нема ниту еден Албанец. Од партијата бараат целосна транспарентност за критериумите и постапката според кои биле избрани добитниците.
Од ДУИ велат дека меѓу наградените за највисокото признание за животно дело и финансиските награди за спортски достигнувања нема албански спортисти, тренери или други претставници.
„0 Албанци. Ниту еден спортист, ниту еден тренер, ниту еден албански претставник не беше достоен за ова државно признание“, се наведува во реакцијата.
Според ДУИ, отсуството на Албанци од листата не треба да се гледа само како резултат на изборот на добитниците, туку како показател за односот на институциите кон придонесот на Албанците во спортот и другите области.
Од партијата посочуваат дека албанските спортисти ја претставуваат Северна Македонија на меѓународните натпревари, освојуваат медали и со години придонесуваат за развојот на спортот, но дека нивните успеси, како што тврдат, не се препознаваат преку државните признанија.
„Кој е критериумот поради кој Албанците стануваат невидливи дури и кога станува збор за спортски и професионални достигнувања? Дали ова е „правичната и соодветната застапеност“ што ја ветуваше ВРЕДИ? Или е уште еден доказ дека Албанците се третираат како граѓани од втор ред?“, прашуваат од ДУИ.
Од партијата бараат да бидат објавени критериумите, постапката и составот на комисијата што одлучувала за наградите „8 Септември“.
„Затоа што 0 Албанци не може секогаш да биде случајност. Кога исклучувањето се повторува, тоа станува политика“, наведуваат од ДУИ, додавајќи дека нема да молчат, како што велат, пред политика на дискриминација и занемарување на придонесот на Албанците во државните институции. објави Скопје1.мк
